Премиерот Зоран Заев не размислува да поднесе оставка и десет дена по инцидентот во тетовската модуларна болница во којашто во пожарот животите ги загубија 14 луѓе а уште 12 беа трешко повредени, а секое барање на опозицијата за негово и отстапување од функцијата на неговите соработници во здравството го оценува како „политикантство“ очигледно нечувствувајќи вина и одговорност за трагедијата.
Прашањето дали ќе ја прифати оставката на министерот зџа здравство Венко Филипче, новинарите на премиерот му го поставуваат секој ден, но тој останува на ставот дека ќе донесе одлука за тоа откако ќе завршат форензичките вештачења и ќе се утврдат причините за несреќата.
Опозицијата продолжува да бара одговорност, но, како што рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не очекува непристрастна истрага „додека министерот за здравство е таму каде што е, додека неговиот заменик е таму каде што е и додека овие луѓе ја водат Владата“.
Според Мицкоски, јасно е дека модуларната болница немала дозвола, а е пуштена во употреба и овде треба кривична одговорност, 10-тина години затвор за тие што го дозволиле тоа да се случи.
„Мицкоски да дојде, премиер да биде? Не размислувам за оставка, а премиер или заменик премиер ќе биде претседателот на Алијанса кога ќе заслужи, кога ќе биде тука да даде идеи, да понуди решенија, не грозотијата да ја користи на најперфиден начин и тоа за време на трите денови на жалост, се од пуста желба за власт, да се победи. Се додека вака се однесуваат ќе губат на избори. Другата алетрнатива е ова: заедништвото, инвестициите, повисоките плати, придонес во БДП“, рече вчера премиерот Заев во врска со критиките од Мицкоски, но и барањето на лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села за негова оставка.
Уште еднаш со својата изјава потвди дека не чувствува и не размислува за никаква одговорност за трагедијата во Тетово и оти за тоа ќе ги чека извештаите од истрагата.
„Изгубивме животи. Да ги причекаме форензичите извештаи. Злоупотребувањето на болката низ која минува цел народ е чисто политиканство“, се правдаше Заев.
Мицкоски од своја страна, пак, е дециден дека виновниците мора да сносат одговорност, и во однос на нивните функции и морална.
„Тажно е и жално кога човек ќе се поистовети со функција и кога себеси ќе се интерпретира како „функцијата – тоа сум јас“, особено во услови кога невини човечки животи згаснаа. Доколку тој човек не чувствува ни малку морална одговорност и тоа се обидува да го интерпретира дека ако тој замине, а Мицкоски ќе бил премиер, тогаш навистина освен она чувство на гадење кое во овој момент го имам, друго немам што да кажам, коментираше Мицкоски за изјавата на Заев.
Она што ВМРО-ДПМНЕ може да го вети и на кое може да се обврзе, рече, е дека работата порано или подоцна ќе се истурка до крај.