Натпреварот од квалификациската група Ф за Европското првенствво во 2024 година во Германија, меѓу фудбалските репрезентации на Белгија и Шведска беше прекинат на полувремето откако двајца Швеѓани беа убиени во центарот на Брисел.
Двата тима за ситуацијата станаа свесни на полувремето, додека претседателот на шведскиот фудбалски сојуз беше евакуиран. Според шведските медиуми, претседателот на шведската фудбалска федерација Фредерик Реинфелд по веста за пукањето заедно со шефот на обезбедувањето на селекцијата Мартин Федман ги напуштил трибините на стадионот.
Швеѓаните одбија да го продолжат натпреварот, што „црвените ѓаволи“ го прифатија. Во моментот на пауза резултатот беше 1:1. Гостите поведоа во 15. минута со голот на Виктор Гјокерес, а израмни Ромелу Лукаку од пенал во 31. минута.
Навивачите на стадионот, како и новинарите во моментов се затворени во оградениот простор поради безбедносни причини.
Пукањето се случило околу 19 часот во областа Моленбек. Како што пренесуваат медиумите, напаѓачот наводно се симнал од мотоциклот и отворил оган од автоматско оружје, при што усмртил две лица за кои се вели дека ги носеле дресовите на шведската репрезентација.
Според Het Laatste Nieuws, сторителот прво пукал во неколку луѓе на улица, кои се обиделе да побараат засолниште во затворен простор. Насилникот тогаш наводно пукал во две лица во такси, а потоа избегал. Очигледно има повеќе повредени.
На социјалните мрежи кружи видео на кое маж, најверојатно сторителот на пукањето, на арапски вели дека се одмаздува за смртта на муслиманите и дека застрелал тројца Швеѓани. Тврди дека е припадник на Исламската држава. „Живееме за нашата вера, умираме за нашата вера“, вели тој во едно од видеата.
Нивото на закана за бриселскиот главен град е подигнато на нивото четири, што се смета за „многу сериозно“, поточно „кога заканата е сериозна и многу непосредна“.
На платформата X, Кризниот центар исто така се залага за „активна будност“. „Ги замолуваме луѓето да ги одложат несуштинските патувања“, рече портпаролката Лаура Демулие.