Огромниот камп во мексиканскиот град Матаморос, во близина на границата со Тексас, од 2019 година е еден од најмоќните потсетници на напорите на поранешниот претседател Доналд Трамп да ги задржи мигрантите надвор од САД.
Кампот се намалил на само неколку десетици жители во последните неколку дена, откако конечно им било дозволено на стотици баратели на азил што живеат таму да ја преминат границата за да го поднесат своето барање да останат во САД, пишува Ројтерс.
Претседателот Џо Бајден минатиот месец ја врати програмата – позната како Протокол за заштита на мигрантите (MPP), што ги принуди барателите на азил да чекаат во Мексико.
Сопругата на Бајден, Џил, го посетила кампот за време на претседателската кампања минатата година за од прва рака да биде сведок на тешките услови.
„Да не беше овој камп, мислам дека тие никогаш немаше да завршат со MPP“, вели барателот на азил од Хондурас, Оскар Борјас, еден од последните преостанати жители.
Како и стотици баратели на азил протерани од Соединетите држави во овој град, Борјас започнал да спие во близина на подножјето на меѓународниот мост преку Рио Гранде.
Од петокот, на околу 1.127 лица преку програмата MPP низ Мексико им е дозволено да влезат во Соединетите држави откако Бајден ја укина политиката минатиот месец. Повеќе од половина од нив биле од кампот Матаморос, според агенцијата за бегалци на ООН.
Некогаш живеалиште на повеќе од 3.000 луѓе, кампот сега е главно напуштен, освен неколкумина чии апели за влез во САД биле одбиени, додава Борјас.
„Не знам што ќе правам сега. Не можам да се вратам “, вели Борјас, кој рече дека се соочува со закана за убиство во Хондурас поради поддршка на опозициска партија.
Администрацијата на Трамп ја промовираше програмата MPP како дел од нејзините успешни напори да ја намали имиграцијата и да ги намали, како што ги нарекуваа, лажните барања за азил.
Од 2019 година оваа политика врати повеќе од 65.000 мигранти назад во Мексико, бидејќи нивните случаи за азил се пренесувале низ американските судови. Мнозинството се откажало од чекањето и го напуштиле Мексико, пишува Reuters.