Претседателот на Палестинската управа Махмуд Абас во саботата изјави дека ги смета Соединетите држави „одговорни за крвопролевањето“ во енклавата Појасот Газа, откако ставија вето на резолуцијата на Советот за безбеднсот при Обединетите нации за итен прекин на огнот меѓу Хамас и Израел на палестинските територии.
За резолуцијата на Советот за безбедност гласаа 13 земји, при што Велика Британија беше воздржана, а Соединетите држави ставија вето на текстот со кој се повикува на „итен хуманитарен прекин на огнот“ во Газа, и покрај притисокот од генералниот секретар на ОН кој го осуди „колективно казнување“ на Палестинеците..
Нацрт-резолуцијата беше подготвена откако генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во писмо до Советот за безбедност го активираше членот 99 од Повелбата на ОН, првпат во историјата и првпат откако ја презеде функцијата во 2017 година, што му овозможува на генералниот секретар да го донесе во Советот за безбедност внимание „секое прашање што, според него, може да го загрози одржувањето на меѓународниот мир и безбедност“.
Резолуцијата беше поднесена од Обединетите Арапски Емирати, изготвена со коавторство на 97 земји членки на Обединетите нации.
Американската позиција е „неморална“ и Вашингтон е „одговорен за пролевањето на крвта на децата, жените и постарите Палестинци во Појасот Газа кои умираат од рацете на израелскиот окупатор“, рече Абас.
Соединетите држави се „партнер“ на Израел во „злосторството геноцид, етничко чистење и војна“ каде и да се извршени во Газа, окупираниот Западен брег и Ерусалим, се вели во текстот на Абас.
„Оваа политика е закана за светот и меѓународната безбедност и мир“, додаде Канцеларијата на претседателот на палестинската управа, со седиште на Западниот брег, палестинската територија окупирана од Израел во 1967 година.
Палестинскиот премиер Мохамед Штајех веќе го нарече неусвојувањето на резолуцијата од страна на ОН како „срам“ и „бланко чек“ за државата окупатор да продолжи да масакрира, уништува и раселува.
Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, рече дека „вистинскиот пат кон мирот е само поддршка за израелската мисија, а не повик за прекин на огнот“.
Според последните податоци објавени од Министерството за здравство на Хамас во Газа, досега во Појасот Газа починале 17.490 луѓе, главно жени и деца. Операцијата на Израел во Појасот Газа следеше по дивите напади на Хамас на израелска територија на 7 октомври, во кои беа убиени 1.200 луѓе од кои речиси 900 цивили, а околу 240 беа земени како заложници.