По влегувањето во еврозоната, Хрватите се жалат на бројни поскапувања

Три дена откако Хрватска влезе во еврозоната, почнаа и поплаките од хрватските граѓани од она од што најмногу се плашеа – поскапувањето. Индекс.хр пишува дека социјалните мрежи деновиве се преполни од реакции на граѓани кои се жалат на бројни поскапувања по воведувањето на еврото во Хрватска.

Граѓаните се жалат на поскапувања на лебот и белите пецива, млекото, како и разни прехранбени производи. Поплаки има и за зголемување на цените на кафето во кафулињата, цигарите, такси превозот, фризерските услуги, паркинг-услугите и слично.

Заедничко за повеќето поплаки од граѓаните, како што додава медиумот, е тоа што дошло до заокружување на цената во евра. Па така, ако некој продукт или услуга чинела 13 куни, цената сега е „заокружена“ на две евра, што е значително поскапување.

„Ова се случи во сите земји кои влегоа во еврозоната, тоа го видовме на примерот на Словенија, Австрија, Италија… Предупредивме дека Хрватска нема да биде исклучок. А во споменатите земји најлошо беше со цените на кафето. Сега гледаме дека поскапува и во пекарниците и таму добиваме пријави“, изјави вчера претседателката на Здружението за заштита на потрошувачите на Хрватска, Ана Кнежевиќ за Индекс.хр.

Хрватска во ист ден стана дел од Шенген зоната и еврозоната

Министерот за економија на Хрватска, Давор Филиповиќ, денеска во рамки на Министерството одржал средба со претставници на трговските малопродажни ланци чија тема била поскапувањата на продуктите и услугите по воведувањето на еврото. Средбата не траела долго, а претставниците на малопродажните ланци си заминале без збор, пишува Индекс.хр.

Филиповиќ изјавил дека трговците неоправдано ги креваат цените и се обидуваат да ги измамат граѓаните, но дека тоа нема да им успее.

„Малопродажните ланци ги зголемуваат цените месец за месец. И сега, во оваа ситуација со еврото, ги зголемуваат цените и се обидуваат да ги измамат граѓаните. Тоа нема да им успее. Им кажав денеска, и им порачувам на сите што сакаат да ја користат конверзијата на сметка на граѓаните, нема да успее“, рекол хрватскиот министер за економија.

Во меѓувреме, Државниот инспекторат на Хрватска денеска извести дека досега се утврдени 1 738 прекршувања на одредбите од Законот за воведување на еврото како официјална валута во Хрватска и обврска за објавување цени, како и 51 случај на продажба на одредени прехранбени производи над максимална дозволена малопродажна цена утврдена со одлука на Владата.

Најголемиот број прекршоци, како што посочија оттаму, се однесуваат на тоа што деловниот субјект не ги истакнал цените и во куни и во евра, потоа што не ги истакнал цените на јасен, видлив, читлив и лесно забележлив начин, како и тоа што не ја прикажал или неправилно ја прикажал фиксната стапка на конверзија или не го прикажал двојниот износ на сметката со прикажана фиксна стапка на конверзија.

Вчера, премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ на Твитер објави дека одржал состанок со надлежните министри и претставници на Даночната управа, Царинската управа и Државниот инспекторат за активностите кои треба да се преземат за заштита на потрошувачите од, како што рече, неоправданото поскапување.