По земјотресот во Албанија се уште во шатори се сметени над 10.000 лица

Министерот за обнова,Арбен Ахметај, изјави дека по разорниот земјотрес, што Албанија ја погоди утрото на 26 ноември, се уште во шатори се сместени 10.023 лица,додека 12.000 добиваат бонус за станарина од владата.

-Врз основа на деталната проценка, во Тирана треба да бидат реконструирани 242 а урнати 115 стамбени згради. Исто така 1.523 индивидуални куќи треба да бидат урнати, додека од 79 училишта 72 се за реконструкција, изјавил Ахметај на седница на Националниот комитет за обнова.

Информираше дека на веб сајтот на Комитетот може да се видат сите информации поврзани со обновата, за секоја донација и активност.

Албанскиот премиер Еди Рама вчера упати апел до граѓаните погодени од разорниот земјотрес, да бидат трпеливи и најави брзо започнување на обновата на урнатите и оштетени објекти.

Даде гаранција дека сите собрани средства,до до последен лек, набрзо ќе бидат употребени во реализација на проектите за обнова,која започнува во Лач,Туман и Шијак.

Според извештајот за проценка, материјалната штета предизвикана од земјотресот изнесува 985.074.906 евра. Во процесот на проценка биле вклучени 90 домашни и странски експерти,а биле опфатени повеќе од 50.000 објекти.

Во катастрофалниот земјотрес со јачина од 6,4 степени загинаа 51 лице, беа повредени 900 и раселени околу 17.000 луѓе од оштетените домови. Вкупно 202.291 луѓе се погодени од оваа природна непогода, во 11 единици на локалната самоуправа.

Меѓународна донаторска конференција за обнова на Албанија ќе се одржи на 17 февруари во Брисел.