Американското Министерство за правда побара осомничениот за поврзаност со протекувањето доверливи документи од Пентагон, Џек Тешеира, да биде задржан во притвор во судењето. Тој денеска беше изведен пред Федералниот суд во Бостон, во американската сојузна држава Масачусец.
Тешеира, кој е припадник на Воздухопловната национална гарда на Масачусец, е уапсен на 13 април под сомнение дека е поврзан со случајот со објавување доверливи документи.
Тој бил специјализиран за разузнавачки активности во Националната гарда.
Министерството за правда на САД започна кривична истрага минатата недела откако случајот беше проследен од Пентагон.
Некои од документите, наводно, даваат детали за воените способности и проблеми во украинската војска, како и информации за американските сојузници како Израел, Јужна Кореја и Турција.