Победа на Интер Мајами, со два погодока и асистенција на Меси

Лионел Меси постигна два гола и забележа асистенција во победата на Интер Мајами од 4:0 против Атланта Јунајтед, со што тимот на аргентинската фудбалска ѕвезда се пласираше во нокаут-фазата од Лига купот.

Аргентинскиот фудбалски мајстор продолжува да ја одушевува американската спортска јавност. Откако го постигна победничкиот гол против Круз Азул во судиското продолжување на неговиот прв настап за Интер, на вториот натпревар против Атланта Јунајтед постигна уште два погодоци и впиша асистенција, обезбедувајќи му на својот тим пласман во осминафиналето на Лига купот.

Меси веќе во осмата минута погоди за 1:0, а во 22 минута ја удвои предноста на Интер. Во 44. минута Роберт Тејлор погоди за 3:0, а во 53. минута истиот играч ја затвори приказната на асистенција на Меси.

„Меси се ослободи од огромна тежина откако ја освои титулата со аргентинската репрезентација. Тоа може да се види во сѐ, во неговиот секојдневен живот, во неговите изјави, во начинот на кој пристапува кон натпреварите. Лео е ослободен и можеме да очекуваме уште повеќе “, рече тренерот на Интер, Тата Мартино.

„Меси е најдобриот играч на светот и остварување на сонот е да се игра со него“, изјави двојниот стрелец Тејлор.

Со оваа победа Интер ја освои својата група, пласирајќи се во нокаут фазата од Лига купот, во која учествуваат сите клубови од МЛС и мексиканската Лига МХ.