Фудбалерите на Манчестер Јунајтед славеа на гостувањето кај Евертон и повторно дојдоа до второто место на табелата, а Ливерпул оствари среќна победа кај Барнли во 21-то коло од англиското првенство.
Победата на „црвените ѓаволи“ им ја донесоа Мартиал во 57 и Линдгард во 81 минута. На табелата води Манчестер Сити со 59 бодови, додека со меч повеќе Манчестер Јунајтед е втор со 47 бодови. Евертон, пак, остана на 9-то место со 27 бодови.
Фудбалерите на Ливерпул кај најпријатното изненадување сезонава во англиската Премиер лига, Барнли среќно славеа со 2:1, со голот на бекот Рагнар Клаван во четвртата минута од судиското продолжение. Мане ги доведе во водство „редси“ во 61 минута, а во 87 минута за Барнли изедначи Јохан Гудмундсон.
Двете екипи не направија промени на своите позиции на првенствената табела, Ливерпул е четврти со 44 бодови, додека Барнли е седми со десет бодови помалку.
Брајтон и Борнмут одиграа без победник 2:2. Домашните двапати доаѓаа во водство, преку Кнокаерт во 5 и и Мареј во 48 минута, но гостите ја анулираа нивната предност преку Кук во 33 и Вилсон во 79 минута. Брајтон е 12-ти со 23 бодови, додека Борнмут е две места подолу на табелата со два бода помалку.
Њукасл Јунајтед минимално славеше со голот на Ајоз Перез во 73 минута на гостувањето кај Стоук Сити. Њукасл е 13-ти со 22 бодови, а Стоук е 16-ти со 20 бодови.
Лестер со 3:0 го совлада Хадерсфилд, а стрелци беа Марез в 53, Слимани во 60 и Олбрајтон во втората минута од судиското продолжение. Лестер има 30 бодови на 8-та позиција, додека Хадерсфилд е 11-ти со 24 бодови.