Победа на Ливерпул, Вест Хем не успеа да избегне пораз

Фудбалерите на Ливерпул во неделата на својот стадион „Енфилд“ со 3:0 го совлада Брентфорд, во натпреварот од 22-то коло во англиската Премиер лига.

Ливерпул успеа да ја пробие гостинската одбрана дури во 44 минута, кога прецизен беше Фабињо. Минималната предност домашните ја имаа до 69 минута, кога Алекс Оклсејд-Чемберлејн погоди за 2:0, а победата ја потврди во 77 минута Такуми Минамино.

Ливерпул се врати на втората позиција со 45 бодови, два повеќе од третопласираниот Челзи од кого има и меч помалку, а на врвот е Манчестер Сити кој има 56 бодови. Брентфорд остана на 23 бодови и на 14-то место.

Одличен натпревар одиграа Вест Хем и Лидс во дуел без одбрани, со многу шанси на двете страни, а заврши со победа на гостите од 3:2. За 4:2 погоди и Клих по одличната акција на Рафиња, но ВАР-от го поништи голот.

Целиот тим на Лидс одигра одлично, но особено се истакна Џеј Харисон кој оствари „хет-трик“ со погодоците во 20, 37 и 60 минута. Вест Хем двапати ја поништуваше предноста на гостите, преку Џерод Боувен во 34 и Пабло Форналс во 52 минута, но неговите играчи не успеаја да израмнат и по третпат.

Вест Хем остана четврти со 37 бодови, два повеќе од петтиот Арсенал кој има и два натпревара помалку. Лидс оствари значајна победа во обидот да се оддалечи од зоната на испаѓање, и сега има 22 бодови и е на 15-то место.

Денеска требаше да се одигра и дербито на северен Лондон меѓу Тотенхем и Арсенал, но лигата го прифати барањето на „Топчиите“ за одложување поради голем број заразени и повредени играчи.