Победа на Милан во Рим за врвот на Серија А

Lazio’s Thomas Strakosha (L), Lazio’s Francesco Acerbi and Milan’s Fikayo Tomori in action during the Italian Serie A soccer match between SS Lazio vs AC Milan at the Olimpico stadium in Rome, Italy, 24 April 2022. ANSA/GIUSEPPE LAMI

Фудбалерите на Милан се пробија привремено на врвот на Серија А, благодарејќи на победата од 2:1 на гостувањето кај римски Лацио во последниот неделен натпревар од 34-то коло на италијанското првенство.

Лацио поведе веќе во 4 минута со голот на Чиро Имобиле и имаа предност сѐ до 50 минута кога израмни Оливие Жиру. Милан до победата дојде во четвертата минута од судиското продолжение на натпреварот, кога топката во мрежата ја испрати Сандро Тонали, на асистенција на Златан Ибрахимовиќ.

Милан со тешко извојуваната победа дојде до 74 бодови и во моментов е на чело на Серија А, со два бода предност пред клупскиот ривал Интер кој има и натпревар помалку. Лацио е седми со 56 бодови, колку што има и Фиорентина со меч помалку, а која е на шестата позиција која води во европските купови. Петтата Рома има два бода повеќе.

Важни бодови, но во трката за опстанок, на домашен терен освои Џенова која минимални го порази Калјари со 1:0. Стрелец беше во 89 минута хрватскиот итернационалец Милан Бадељ кој успеа да се избори за топката покрај својот поранешен колега од репрезентацијата Марко Рог и да го погоди долниот десен агол од гостинскиот гол.

Џенова сѐ уште е во зоната на испаѓање со 25 бодови, но сега заостанува само три бода зад Калјари кој има 28 бодови и го држи последното 17-то место за опстанок.