Шпанскиот тенисер Рафаел Надал, поранешниот број еден, по речиси една година паузи поради повреда се врати на терените со победата со 7:5, 6:1 над Австриецот Доминик Тим во својот прв сингл меч на АТП тенискиот турнир во Бризбејн.
На победникот на 22 грен-слем турнири му беа потребни час и 29 минути за триумфот.
„Денеска е навистина емотивен и важен ден за мене по веројатно најтешката година во мојата тениска кариера, без сомнение“, рече Надал во својата прва изјава на теренот.
„Добив шанса да се вратам по една година и да играм пред оваа неверојатна публика и да играм, мислам, на многу позитивно ниво. Ова е мојот прв натпревар, нешто на што сите можат да се гордеат, јас, мојот тим, моето семејство кое ме поддржуваше секој ден во изминатата година“, додаде 37-годишниот тенисер.
Ова беше прв индивидуален меч на шпанската ѕвезда по речиси една година пауза поради повреда. Во неделата Надал се врати на натпреварувачкиот тенис во новата сезона и претрпе пораз во игра на двојки со Марко Лопез.
Пред денешниот меч, последен пат во сингл конкуренција Надал играше на 18. јануари минатата година, кога во второто коло на Австралија опен во три сета загуби од Американецот Мекензи Мекдоналд.