Победа на Сиксерс во Денвер, одлично враќање на Кари, Џез му го расипаа роденденот на Џејмс

Филаделфија 76-ерс како гости ги совладаа Денвер Нагетс со 107:102, а изненадување на вечерта се случи во Солт Лејк Сити каде што Џез ги совлада Кливленд Кавалирс со 104:101, расипувајќи му го 33-от роденден на Леброн Џејмс.

Хрватскиот кошаркар Дарио Шариќ беше најдобар стрелец за Сиксерс со 20 поени и 9 скокови, 6 асистенции и една блокада, со што го надомести изостанувањето на водечкиот центар на тимот Џоел Имбиид. Се истакна и Роберт Ковингтон со 15 поени и 10 скокови, додека ветеранот Џерид Бејлис кој влезе од клупата погоди неколку важни „тројки“ со кој гостинскиот тим од негативата од 14 поени ги претвори во плус 11. Кај Нагетс најефикасен беше Џамал Мареј со 31 кош, додека Никола Јокиќ додаде 19 поени и 13 скокови.

Со соодносот на победите и поразите 16:19 Сиксерс во моментов се 10-от клуб во Источната конференција, додека Нагетс се пести во Западната конференција со скорот 19-17.

Орландо Меџикс го претрпеа 10-от пораз во последните 11 натпревари, но овој пат на својот паркет беа поразен од Мајами Хитс со 111:117 при што испуштија 18 поени предност кои ги имаа во третата четвртина. Гостите од Мајами дојдоа во водство на две минути до крајот и остварија важна победа со којашто се изедначија со Индијана Пејсерс на седмото место во Источната конференција.

Одличен беше Тајлер Џонсон кој постигна 31 кош за Хитс, од кои 24 во третата четвртина, додека на Меџикс не им беа доволни ниту 39-те поени на Арон Гордон.

Стефен Кари се врати во екипата на Голден Стејтс Вориорс по 11 натпревари поради повредата на десниот зглоб и веднаш беше фактор на победата од 141:128 на шампионот пред неговата публика против Мемфис Гризлис. Кари во своето враќање на терените постигна 38 кошови со фантастичен шут за „тројка“ 10 од 13 обиди. Кај гостите најефикасен беше Марк Гасол со 27 поени.

Со соодносот 29-8 Вориорс се водечкиот тим во Западната конференција и во целата НБА лига, додека Гризлис со 11-25 се при дното во истата конференција.

Домашните Јута Џез го направија најголемото изненадување во синоќешните дуели откако во Сол Лејк Сити со 104:101 ги совладаа фаворизираните Кливленд Кавалирс. Во возбудливата завршница „рукито“ во редовите на „џезерите“ Домован Мичел го надигра еден од најдобрите играчи на сите времиња Леброн Џејмс. Мичел на 35 секунди пред крајот влезе под кошот на гостите и погоди за 100:97, а десетина секунди подоцна под својот обрач успеа да му попречи на Џејмс и да го натера да го промаши неговиот обид за лесно положување. Потоа домашните со прецизно изведување на слободните фрлања ја сочуваат победата.

И Мичел и Џејмс мечот го завршија со по 29 кошови, и беа водечки стрелци во своите екипи. Кај Џез одличен беше и Шпанецот Рики Рубио со 16 поени, 10 скокови и 8 асистенции, додека кај Кавалирс се истакна и Кевин Лав со 20 кошови и 10 скокови.

Со скорот 24:12 Кливленд сега е трет клуб во Источната конференција, додека Јута со 16:21 е десеттата екипа во Западната конференција.