Победи на Арсенал и Ливерпул

Фудбалерите на Арсенал со пресврт во лондонското дерби од 17-то коло на англиската Премиер лига го надиграа Вест Хем со 3:1 во последниот дуел од понеделничката програма на ткн Боксинг деј, кој традиционално се игра на Божик.

И покрај големата доминација на „Топчиите“ од почетокот на натпреварот и поништениот погодок поради офсајд, први во водство дојдоа „Чеканите“, и тоа од пенал кој во 27 минута го реализираше Саид Бенрахма. Арсенал продолжи со нападите и со креирање изгледни прилики но без директен удар кон противничкиот гол, а Вест Хем преку Антонио создаде уште една убава шанса и сепак на одморот замина со минимално водство.

Но веќе во првиот дел од второто полувреме Арсенал направи целосен резултатски пресврт и практично ја обезбеди победата. Во 53 минута израмни Бакајо Сака, пет минута подоцна стрелаше прецизно Габриел Мартинели а конечните 3:1 ги постави Еди Нкетиа во 69 минута.

Арсенал се зацврсти на врвот на табелата со 40 бодови од 15 кола, седум повеќе од второпласираниот Њукасл кој има натпревар повеќе, а трет е Манчестер Сити со 32 бодови од 14 одиграни кола. Вест Хем остана 16-ти со 14 бодови, само бод повеќе од зоната на испаѓање.

Во претходниот вечерен натпревар Ливерпул со идентичен резултат 3:1 како гостин ја совлада Астон Вила.

Ливерпул поведе веќе во 5 минута, а стрелец беше Мојамед Салах. По одличното додавање на Трент Александер-Арнолд до топката во шеснаесетникот дојде Ендрју Робертсон кој потоа додаде до Салах и ја впиша својата 54-та асистенција во Премиер лигата и сега има најмногу успешни додавања за погодок од сите бекови во историјата на лигата.

Погодокот на Џоел Матип во 20 минута беше поништен поради офсајд, но Ливерпул сепак го удвои водството 17 минути подоцна. Салах додаде до Вриџил Ван Дијк во казнетиот простор, а Холанѓанецот потоа зголеми на 2:0.

Тимот од Бирмингем можеше да намали во 46 минута, но погодокот на Оли Воткинс беше поништен поради недозволена позиција. Воткинс сепак беше стрелец во 59 минута, кога со глава го „закова“ нафрлувањето на Даглас Луис. До крајот на мечот Ливерпул ја потврди победата со голот на младиот шпански фудбалер Стехан Бајчетиќ во 81 минута, за кого ова беше првиот погодок во сениорска конкуренција.

Ливерпул моментално е на шестата позиција со 25 бодови од 15 одиграни кола, а Астон Вила е 12-та со 18 бодови од 16 кола.