Aктуелниот шампион на НБА, „Голден Стејт“ со победа ја почна новата сезона во најсилната кошаркарска лига во светот откако во својата арена славеа против „Оклахома“ со 108:100.
Гостите пружија силен отпор, иако настапија без својот најдобар играч, Расел Вестбрук.
Шампионот, сепак, рутински го доби мечот, иако „Оклахома“ во еден момент од третата четвртина успеа и да поведе.
Најдобар кај домаќините беше Стеф Кари со 32 поени, девет асистенции и осум скокови, додека Кевин Дурант забележа 27 поени, осум скокови и шест асистенции.
Кај гостите најефикасен беше Пол Џорџ со 27 коша, а Денис Шордер постигна 21 поен.
Во вториот ноќешен натпревар, во дербито на Источната конференција „Бостон Селтикс“ на свој терен беа убедливи против „Филаделфија“ и победија со 105:87.
И покрај убедливата разлика, натпреварот беше решен во последната четвртина во која „Бостон“ направи недостижна разлика. За „Селтикс“ настапија и двајцата повратници по ланските повреди, па Кајри Ирвинг постигна седум коша. Прв пат по страотната повреда и скршеница на ногата настапи Гордон Хајворд кој запиша десет поени и пет скока.
Најефикасен кај домаќините беше Џејсон Тејтум со 23 поени, колку што на другата страна имаше Џоел Ембид кој имаше и десет скока. Кај „Филаделфија“ се истакна и Бен Симонс со 19 поени, 15 скока и осум асистенции.