Побогатите би можеле да го закрепнат пазарот на електрични автомобили

Европскиот пазар на електрични возила со батерии (BEV) би можел да закрепне, пред сѐ, благодарение на купувачите со подлабок џеб, кои размислуваат да купат „high-end“, „premium plus“ и луксузни возила поскапи од 80.000 евра, но пред купувањљто ќе мора да решат некои недоумици, покажува истражувањето на Boston Consulting Group (BCG).

Истражувањето спроведено меѓу пет илјади испитаници во Германија, Велика Британија, Франција, Италија и Шпанија покажало дека 38 отсто од купувачите кои се подготвени да потрошат повеќе од 80 илјади евра за автомобил размислуваат да купат електричен автомобил со батерии. Речиси две третини (64 проценти) од нив би купиле електрично возило наместо возило со внатрешно согорување доколку ги нуди истите спецификации.

Но, според истражувањето на BCG за „Europe’s High-End Buyers Rethink EV Ownership“, производителите на електрични возила од повисока класа треба подобро да одговорат на некои од грижите што ги мачат купувачите со поголема куповна моќ.

Меѓу главните недоумици за потенцијалните нови купувачи на луксузни електрични возила (46 проценти) се времето на полнење и достапноста на брзите полначи, долгото време на чекање и трошоците за инсталирање домашни полначи. За 44 отсто од испитаниците важно е прашањето за досегот на автомобилот, по што следи предвидливоста на капацитетот на батеријата, особено во студени услови. Сепак, исклучително е важно да се нагласи дека тоа се стравувањата на возачите кои претходно не возеле електрични возила со батерии. Оние кои имаат претходно искуство со електрични возила со батерии се многу помалку загрижени и за времето на полнење и за опсегот.

„Производителите на електрични автомобили имаат единствена можност да привлечат нова генерација богати потрошувачи“, вели коавторот на извештајот Катрин Паниер, партнер и директорка во BCG, додавајќи дека за да успеат производителите ќе треба да понудат возила со добри спецификации и перформанси, по конкурентни цените.

„Станува збор за потрошувачи кои се подготвени да го истражат пазарот на електрични возила, но се и дигитално писмени и бараат вредност за парите“, рече Паниер.

Според истражувањето на BCG, 70 проценти од потенцијалните купувачи на електрични возила припаѓаат на „милениумската“ и генерацијата Z, со еднаков сооднос меѓу жени и мажи: 50-50. Три четвртини од нив се технолошки ентузијасти и сакаат да пробуваат нови работи, а за 75 проценти безбедноста е приоритет.

Динамичното возење им се допаѓа на 65 отсто од анкетираните, а 64 отсто би избрале електрично возило со батерии наместо автомобил со внатрешно согорување. Без да чекаат нови технолошки достигнувања, 60 отсто од нив веднаш би купиле електрично возило со батерии, а истиот процент е отворен и за купување електрични автомобили од кинески производители.