Организациониот одбор на Меѓународната поетско културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ посветена на македонскиот книжевен великан Анте Поповски и Академијата што го носи неговото име, едногласно донесоа одлука Почесното „Антево перо“, познато како награда „Антева златна книга“, за долгогодишни книжевни остварувања од интерес на македонската книжевност, култура и идентитет, за 2021 година, да му се додели на книжевниот великан ВЛАДА УРОШЕВИЌ.
Ова признание се доделува по потреба, само за највисоки книжевни остварувања кои се покажале конститутивни за македонската книжевна реч. Признанието првпат беше доделено во 2020-та година, на Михаил Ренџов.
Наградата „Антева златна книга“ се состои од книга поетски ракописи од Анте Поповски во кожен повез, испишани со неговиот оригинален ракопис.
-Влада Урошевиќ е магистрална фигура на македонската книжевност, полиграф кој постави високи стандарди во нашата книжевна реч и повлече изохипси кои не се надминати во поезијата, прозата и есејот. Урошевиќ е клучна фигура без која не може да се замислат модернитетот и постмодернитетот на македонската поезија, особено преку неговиот интерес за севкупните поетски светски искуства, специјално од симболизмот до надреализмот и авангардата. Без него македонската поезија ја губи својата космичка димензија и дослухот со европскиот поетски сензибилитет. Урошевиќ е поет кој е можеби најмногу, од сите македонски поети, свртен не само кон македонската, туку кон светската поетска традиција. Тој е и татко на македонскиот модернистички расказ, особено облагороден со аурата на фантастиката, хипносот и потсвеста. Урошевиќ е предок и на постмодерниот македонски расказ и роман, а со последните романи остварува специфична хибридна поетика карактеристична за највредните светски прозни остварувања. Урошевиќ е и загадочен есеист од галаксијата на Борхес, што сѐ заедно, од него прави носечки столб на македонскиот книежевен пантеон денес, стои во образложението на одлуката на Комисијата.