2.8 C
Skopje
недела, декември 29, 2024

Почетокот на наставата неизвесен: Незадоволни членови на СОНК се собраа пред седиштето на синдикатот (ФОТО+ВИДЕО)

По одлуката на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) дека штрајкот го става во мирување попладнево пред седиштето на СОНК се собраа членови на синдикатот изразувајќи незадоволство од најновата одлука.

Велат дека многу се изненадени од одлуката на синдикалниот лидер Јаким Неделков.

-Ние сме овде да изразиме револт, ние сме базата, ние сме СОНК, а тој е наш лидер и должен е да дојде и да објасни зошто ја промени одлуката.

Дел од нив потенцираат и дека од утре нема да држат настава.

Одлуката на СОНК беше донесена откако до нив стигнало известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука е подготвено за мирно решавање на спорот.

Од СОНК изјавија дека мора да го почитуваат законот и дека доколку во текот на мирното решавање на спорот не се изнајдат соодветни решенија, повторно ќе го активираат штрајкот.

– Ќе мора да постапиме согласно закон и штрајкот да го ставиме во мирување. Тоа значи дека одлуката за влегување во генерален штрајк ја ставаме во мирување се додека не се реши спорот. Убедени сме дека во периодот на помирување ќе ги најдеме соодветните решенија и дека нема да има потреба да го активираме штрајкот. Доколку не се усогласиме со ставовите со ресорното Министерство за образование и наука, штрајкот повторно ќе биде активиран. Се надевам дека до тоа нема да дојде, рече Неделков.