Еден од најдобрите кошаркари на сите времиња и 11-кратени првак на најсилната лига во светот американската НБА, Американецот Бил Расел, почина на 88-годишна возраст, објави во неделата неговото семејство на социјалните мрежи
„Бил Расел, најплодниот победник во историјата на американскиот спорт, почина денеска мирно во 88-та година крај својата сопруга Џенин… Одржувањето на прошталната церемонија ќе биде објавено подоцна“, соопшти семејството.
До појавата на Мајкл Џордан, Бил Расел беше сметан за неприкосновен најдобар играч во историјата на кошарката.
Во текот на својата играчка кариера, Расел единствено настапуваше за Бостон Селтикс, од 1956 до 1969 година, со кој беше 11 пати првак на НБА лигата, а во историјата на лигата се впиша и како првиот црн тренер.
Во тој период пет пати е прогласуван за најкорисен играч во лигата (МВП), а 12 пати учествуваше на Ол-стар натпреварите.
Освојувач е и на златниот олимпискиот медал во 1956 година на игрите во австралиски Мелбурн. Исто така, двократен првак е и на универзитетската НЦАА лига со Универзитетот Сан Франциско.
Расел како играч најпознат остана по своите одбранбени квалитети со неговите 208 сантиметри височина и распон на рацете од 224 сантиметри. Кариерата ја заврши со 21.260 скокови, во просек од 22,5 по натпревар. Во еден меч впишал дури 51 скок. Просечно постигнувал по 15,1 кош со 4,3 асистенции по меч.
Во НБА Куќата на славните беше вклучен во 1975 година. Американскиот претседател Барак Обама во 2011 година му го предаде Претседателскиот медал на слободата, а пет подоцна НБА лигата му ја додела Наградата за животно дело.
По објавувањето на веста за смртта на Расел, НБА му оддаде почест како на „најголемиот шампион во сите екипни спортови“.
„Бил се залагаше за нешто многу поголемо од спортот, вредности на еднаквост, почитување и вклученост кои ги пиша во ДНК-та на нашата лига. На врвот од својата спортска кариера, Бил силен поборник на граѓанските права и социјалната правда, наследство коешто го пренесе во генерациите на НБА играчите кои ги следеа неговите чекори“, изјави челникот НБА лигата, Адам Силвер.