Почина 47-годишна жена во сообраќајката во тунелот кај Демир Капија

Во тешката сообраќајна несреќа што се случи утрово на автопатот кај Демир Капија, на делницата Гевгелија – Неготино, животот го загуби 47-годишната Т.П.П. од Неготино која го управувала возилото што се преврте во тунелот, потврдуваат од МВР. Првичните информации беа дека жената е тешко повредена, но во меѓувреме таа им подлегнала на повредите.

– Основното јавно обвинителство Кавадарци изврши увид на местото на настанот и ќе нареди сообраќајно вештачење за да се утврдат причините на несреќата. Наредена е и обдукција на починатата 47-годишна жена – возач која била сама во автомобилот, велат од Обвинителството за МИА.

Претходно, од СВР Велес потврдија за МИА дека денеска  во 08.40 часот на автопатот А1, кај тунелот Т1 на делницата Гевгелија – Неготино, патничко возило „фолксваген“ со неготински регистарски ознаки, управувано од 47-годишната Т.П.П., изгубило контрола и излетало од патот.

Несреќата се случила утрово околу 8.40 часот кога 47-годишната жена изгубила контрола над возилото „Фолксваген“ кое удрило во заштитниот ѕид и се превртело на патот.

Во тек е увид на местото на несреќата, а сообраќајот на оваа делница е во прекин.