Почина актерката Мери Бошкова

Почина актерката Мери Бошкова, една од доајените на македонската актерска уметност. Бошкова беше театарска, телевизиска и филмска актерка. Легендарната глумица почина пред нејзиниот 90-ти роденден, а ќе биде погребана утре, 27-ми март на Светскиот ден на театарот.

Мери Бошкова изигра бројни улоги на македонската сцена и на филмското платно, но најмногу ќе остане запаметена како Живка, Госпоѓа министерка, која ја играше цели три децении.

Бошкова е родена во Битола на втори мај 1924 година. Таа ја играла насловната улога во првиот македонски долгометражен игран филм „Фросина“ (1952) на режисерот Воја Нановиќ, како и во првата македонска филмска комедија „Мирно лето“ (1961) во режија на Димитрие Османли.

Добитничка е на најголемите признанија во нејзината богата актерска кариера: Стериината награда за ликот на мадам Дибоа („Еригон“ – од Ј. Плевнеш), како и голем број на високи сојузни и републички признанија – награда на Владата на ФНРЈ , Владата на НРМ, наградите „11 октомври“ и „13 Ноември“, наградата за животно дело и др.

Со своите први настапи во родната Битола, го свртува вниманието на публиката и критиката. Таа е носител на главните рољи со кои се прославува и во Македонскиот народен театар во Скопје: Живка во „Госпоѓа Министерка“ од Нушиќ, Дездемона од шекспир, Бароница Кастели, „Господа Глембаеви“ – од Крлежа, „Нора“ од Ибзен.

Скоро една деценија живее и твори во Драмата на Народно позориште во Белград, каде се прославува со: „Коштана“ од Б. Станковиќ, „Тетовирана ружа“ од Т. Вилијамс и др.

По враќањето во Скопје носител е на главните рољи на македонската сцена се до пензионирањето, но сепак не се повлече. Таа останува со својата животна улога на Живка министерка, со која креација се вбројува меѓу најдобрите улоги на југословенската сцена.

Нејзина последна филмска актерска креација е на филмскиот екран во филмот на Д. Османли „Агели на отпад“.

Награди: Награда 11 Октомври (1967 и 1980); Награда за најдобро актерско остварување на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) Војдан Чернодрински за улогата на Живка во претставата Госпоѓа министерка (Прилеп, 1977); Стериина награда за најдобро актерско остварување на Фестивалот Стериино позорје за улогата на Мадам Дибуа во претставата Еригон (Нови Сад, 1982); Награда на град Скопје 13 Ноември (1984); Награда за животно дело на МТФ Војдан Чернодрински (Прилеп, 1989); Награда на ревијата Екран за најдобро остварување на филм за улогата на Мими во филмот Ангели на отпад, во режија на Димитрие Османли (1995).