Почина бебето болно од туберкулоза

Почина деветмесечното бебе кое на 24-ти февруари беше хоспитализирано на Детската клиника во Скопје во тешка здравствена состојба. Бебето беше сомнително на туберкулоза и неухрането, односно тежело само три килограми, што е несоодветно за возраста.

Надлежните служби сѐ уште проверуваат дали бебето било запоставувано. Станува збор за предвремено родено бебе.

Мајката на бебето била болна од туберкулоза, од каде што најверојатно и бебето се заразило. Во меѓувреме туберкулоза им беше дијагностицирана и на останатите членови на семејството.

По приемот на клиниката, итно беше префрлено од болницата Козле, каде беше приклучено на механичка вентилација. Бебето беше примено со белодробна слабост, по што се утврди дека ја има заразната болест туберкулоза.

Според пишувањата на одредени медиуми, мајката на бебето минатата година неколку месеци се лекувала од туберкулоза на Институтот за белодробни заболувања, но потоа воопшто не дошла на контрола а ниту пак побарала помош за своето болно дете. Откако се откри дека бебето боледува од туберкулоза, неговата мајка повторно беше хоспитализирана во Институтот, а нејзините три други малолетни деца беа повикани во клиниката козле за да им се направат епидемиолошки испитувања за да се утврди дали и тие имаат туберкулоза.

Здравствените власти изразија чудење зошто бебето не било внесено во здравствениот систем, зошто немало податоци каде и како тоа се лекувало и зошто семејството воопшто не било евидентирано како социјален случај. Директорката на Детската клиника Стојка Нацева Фуштиќ во изјава за медиумите пред неколку дена кажа дека нема потреба од паника за зараза бидејќи сега веќе починатото бебе, веднаш по приемот било изолирано и за него се грижел посебен медицински персонал.