Британскиот финансиер, политичар и филантроп, Џејкоб Ротшилд почина на 88-годишна возраст, соопшти денеска неговото семејство.
Син на баронот Виктор Ротшилд и член на британската филијала на семејството Ротшилд, ја почна својата кариера во семејната банка во 1963 година, пред да ја напушти групата за да ја преземе контролата и да претседава со Ротшилд инвестициски фонд до 2019 година. Компанијата подоцна беше преименувана во „RIT Capital Partners“.
Тој ја основа осигурителната групација „J Rothschild Assurance Group“, сега „St James’s Place“.
Роден во Беркшир (западен Лондон) во 1936 година, образован во елитното училиште Итон и Универзитетот во Оксфорд, Џејкоб Ротшилд поддржуваше неколку културни институции, како што е Националната галерија во Лондон, и позираше за неколку уметници, вклучувајќи го и британскиот сликар Дејвид Хокни.
Тој беше член на Домот на лордовите, горниот дом на британскиот парламент, од 1991 до 1999 година.
Џејкоб Ротшилд имаше четири деца.