Почина човекот кој се самозапали во петокот пред судницата во Њујорк каде што му се судеше на Доналд Трамп за купување на молчењето на поранешна порно актерка, но официјални лица изјавија дека неговиот чин не се чини дека е поврзан со поранешниот републикански претседател.
Човекот гореше неколку минути пред телевизиските камери поставени пред судницата во Њујорк, каде што се одржуваше првото судење на поранешен американски претседател во историјата.
Телевизиската мрежа NBC News и други американски медиуми соопштија рано во саботата дека човекот починал. Во прилогот на NBC News беше цитиран полицискиот оддел на Њујорк дека болницата, каде што е пренесен мажот, констатирала смрт на жртвата.
Официјални лица претходно изјавија дека мажот, кој бил во доцните 30-ти години, е во критична состојба.
Сведоците рекоа дека мажот извадил памфлети од ранецот и ги фрлил во воздух пред да се полие со течност и да ја запали. Еден од памфлетите се однесува на „злобните милијардери“, но деловите oд памфлетот кои ги виделе очевидците на Reuters не го спомнувале Трамп.
Полициската управа на Њујорк објави дека се чини дека мажот, идентификуван како Макс Азарело од Сент Августин, во сојузната држава Флорида, не го сторил тоа во поврзаност со Трамп или другите луѓе вклучени во судењето.
„Во моментов гледаме на него како на некој вид теоретичар на заговор и оттаму поаѓаме“ во истрагата, рече заменик-началникот на полицијата Тарик Шепард на прес-конференција.
Маж со тоа име во манифест објавен на интернет изјавува дека се самозапалил и им се извинува на пријателите, сведоците и припадниците на итните служби. Во текстот тој предупредува на „апокалиптичен фашистички удар“, ги критикува криптовалутите и американските политичари, но не го издвои конкретно Трамп.
Судницата во центарот на Менхетен, чувана од големи полициски сили, привлече толпи демонстранти, известувачи и љубопитници од понеделникот, на првиот ден од судењето, но нивниот број оттогаш се намали.
Шокантниот развој дојде откако беше завршен изборот на поротата за судењето, отворајќи го патот за обвинителите и бранителите да дадат воведни изјави следната седмица во случајот за обид за поткуп на порно ѕвездата. Судењето беше одложено за попладнето.
Дванаесет поротници, заедно со шесте замени, ќе ги разгледаат доказите на првото судење за да се утврди дали поранешниот претседател е виновен за прекршување на законот. Обвинителството има намера да повика најмалку 20 сведоци, изјави адвокатката на Трамп, Сузан Нечелес. Трамп би можел и да сведочи, што би можело да биде ризичен потег што би го изложил на вкрстено испрашување.