Почина д-р Димитар Трпеноски, кој беше првиот независен пратеник во првиот состав на повеќепартиското Собрание, соопшти семејството. Имаше 90 години.
Примариус д-р Трпеноски од Струга, по професија лекар-специјалист хирург, кој завршил специјализација во Воено-медицинската академија во Белград и постдипломски студии по хирургија на Медицински факултет во Белград, беше пратеник од 1991-1998 година. Во вториот мандат, беше на листата на Сојузот за Македонија.
На изборите 1991 учествуваа 12 партии, во изборната единица 67, каде има руралните населби во подножјето на планината Јабланица, од селото Октиси па до Дренок, а сега тој дел е во Општина Струга.
„И во тие избори јас го добив пратеничкиот мандат, добив околу 3.500 гласови, односно најповеќе од сите кандидати на сите 12 политички партии. Јас од политиката се повлеков во 1998 година, кога заминав во пензија. Сметам дека се оддолжив на граѓаните од тогашната 67-ма изборна единица, на тој начин што иницирав изградба на водоводи во селата Боровец и Подгорци, како и телефонска инсталација во Долни Дримкол. А бидејќи бев пратеник од областа на здравството, иницирав вработување на здравствени кадри во струшката болница од овој рурален крај покрај другите“, изјави д-р Трпеноски во едно свое интервју.
Во однос на тоа како гледа на Македонија тогаш и сега.
„Мислам дека тогаш се одвиваа позитивни демократски промени. Сега се одвиваат ретроградни процеси. Дури ако се направи споредба со поранешниот еднопартиски модел, можам да кажам дека демократијата и тогаш беше задоволувачка. А сега, демократијата е во ретрограден процес поради партизацијата на институциите. Тие го даваат ликот на државата. Правната држава е на ниско ниво и тешко се справува со хаосот во сите сфери“, рече д-р Трпеноски во интервју за Сакамдакажам.мк.
Д-р Трпеноски ќе биде погребан утре во 13 часот на градските гробишта во Струга.