Почина д-р Кочо Серафимов, професор на Мадицинскиот факултет во пензија

На 99-годишна возраст, на 24 мај 2021 почина проф. д-р Кочо Серафимов, редовен професор во пензија од областа дигестивна хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје, доајен на дигестивната хирургија во нашата земја и учител на многу генерации доктори.

Д-р Серафимов докторирал на Медицинскиот факултет во Белград, а се усовршувал во Лион (1959/1960), Минхен (1966/1967), Лондон (1978) и Осло (1982). Од 1977 година бил редовен професор на Мадицинскиот факултет. Бил директор на Клиниката за дигестивна хирургија од 1975 до 1987, главен и одговорен уредник на „Акта хирургика Југославика“ од 1971 до 1987.

Објавил над 220 научни трудови, повеќе научно-стручни коавторски публикации и единствена монографија за хирургијата на жолчното ќесе. Добитник е на повеќе лекарски и општествени признанија, меѓу кои Хипократовата плакета на Сојузот на лекари на СФРЈ (1987) и Орден за заслуги со златен венец (1988) за врвен придонес во развојот на дигестивната хирургија.

По повод смртта на проф. д-р Кочо Серафимов, на комеморација на Медицинскиот факултет вчера беше истакнато дека тој безрезервно ги пренесуваше своите знаења и искуства на студентите, особено на специјализантите.

-Неговата исклучителна ерудиција и интелектуалност, секогаш дополнета со луцидна духовитост, целосна посветеност на хирургијата и наставата, срдечната комуникација со колегите, се карактеристики кои неговите следбеници долго ќе ги паметат и ќе бидат овековечени во нивните спомени. Медицинскиот факултет засегогаш ќе му остане благодарен на проф. д-р Кочо Серафимов за сé што творел и сé што направил преку својата самопрегорна работа и посветеност на факултетот, се наведува во комеморативното соопштение на Медицинскиот факултет.