Душан Јовановиќ, легендарниот режисер, драматург и есеист, авторот на култниот драмски текст „Ослободувањето на Скопје“, почина во Љубљана на 81 годинa. Роден е во Белград во 1939 и важеше за еден од најплодните југословенски и словенечки драмски писатели и театарски режисери. Автор е на над 100 претстави, напишал бројни текстови, ТВ драми, есеи и куси приказни.
Како дете во 1951 се преселил во Љубљана каде студирал англиски и француски, а заврши и театарска режија на Академијата за театар, филм, радио и телевизија. Во воениот период како дете живее и во Скопје, во куќа на булеварот Свети Климент Охридски број 9, лево од комплексот на Владата. Во оваа куќа Јовановиќ ги сместува ликовите и настаните во драмата „Ослободувањето на Скопје“ напишаа во 1976/77.
„Скопје е градот во кој за време на Втората светска војна проживеав дел од моето детство. За Скопје ме врзуваат можеби најубавите, најинтимните спомени на моето растење и можеби најдраматичните искуства на војната, пријателството, животот. Скопје е град во кој првпат стапнав во театар. Мојата тетка Зора Потевска, која беше учителка по пијано, ме одведе во опера. Ги гледав ‘Орфеј и Евридика’. Тоа беше доживување што неизбришливо ме обележа за целиот мој живот. Надвор, во реалниот свет, дивееше војната, нè опкружуваа слики на разурнувања, од далеку се слушаше татнеж на топови, живеевме во страв, понижување и немаштија, а во театарот одненадеж доживеав некоја поинаква димензија на реалноста: хармонија на чудесни звуци, музика, духовност, светлина и убавина. Во тој миг ме допре божицата Талија и ми ја отвори вратата во волшебниот свет на уметноста. Тоа беше судбински миг, тогаш се роди мојот љубовен однос со театарот, кој сè уште трае. Ослободувањето на Скопје е сеќавање на моето растење и веројатно мојата најдобра драма“, напиша Јовановиќ за есеистичката книга „Ослободувањето на Скопје – Антологија – игра и судбина“.
Македонската праизведба на „Ослободувањето на Скопје“ беше во 1978 во скопскиот Драмски театра, во режија на Слободан Унковски. Претставата ги освојува публиката, критиката и театарските фестивали, и доби бројни награди.
Во 2016 „Ослободувањето на Скопје“ доби и филмска верзија, во режија на Данило и Раде Шербеџија.
Во 2007 Град Скопје го награди Јовановиќ со наградата „13 Ноември“.
Последен авторски текст на Јовановиќ е „Борис, Милена, Радко“ во 2013,а активен како режисер беше до 2017.
Извор: СДК.МК