Почина канибалот од Јапонија кој „од љубов“ уби и изеде студентка

Исеј Сагава, познат како „јапонскиот канибал“ бидејќи убил и изел холандскa студентка во Париз во 1981 година, почина на 73-годишна возраст.
Неговото злосторство предизвикал ужас низ целиот свет. Сагава почина на 24 ноември од пневмонија, а неговиот погреб веќе бил одржан само во присуство на неговите роднини, се вели во изјавата објавена од издавачот на автобиографијата на неговиот брат, Јун, објавена во 2019 година.

Исеј Сагава бил студент во Париз, на Универзитетот во Сорбона, кога, на 11 јуни 1981 година, ја поканил својата колешка од Холандија, Рене Хартефелд, на вечера во неговиот стан . Таму ја убил пукајќи и во вратот, по што ја силувал, а потоа ја распарчил и изел различни делови од нејзиното тело во текот на следните денови.

„Јадењето на оваа девојка беше израз на љубов. Сакав во себе да го почувствувам постоењето на личноста која ја сакам“ , изјавил тој по апсењето.

Дијагностициран од експерти како ментално болен, тој не бил осуден и бил задржан во притвор во Франција, а потоа и во Јапонија, пред да излезе на слободата во август 1985 година.

Тој станал медиумска ѕвезда и примил бројни новинари во неговиот стан во предградието на Токио. Неколку пати се појавувал на јапонската телевизија и објавувал бестселери како „Канибал“ или „Би сакал да ме јадат“, а исто така скицирал и манга (јапонски стрип), во која го раскажал своето злосторство.

Двајца антрополози снимиле документарен филм за него во 2018 година наречен „Каниба“, во кој Исеј Сагава тврди дека не можел да го „објасни“ својот чин. „Тоа е само моја имагинација. Не можам да кажам ништо поконкретно“, изјави тој во филмот. „Луѓето мора да мислат дека сум луд“.

Тој рече дека сметал дека е „невозможно“ да ја задржи својата „опсесија“, додавајќи: „ Сакав да јадам задник, повеќе од било што друго на светот“. Креаторите на документарецот, Верена Паравел и Лусијан Кастајн-Тејлор, рекле дека имале многу „исклучително спротивставени чувства“ во текот на месеците што ги поминале со Исеј Сагава и неговиот брат Јун кој се самоосакатувал.

„Бевме згрозени, фасцинирани, сакавме да разбереме…“ , објасни Верена Паравел, додавајќи дека сепак станува збор за „филм за братството, за љубовта“.