Почина легендарниот Марио Загало учествуваше во освојувањето на четири светски титули на Бразил

На 92-годишна возраст, ноќеска почина една од најголемите легенди на бразилскиот фудбал Марио Лобо Загало.

Веста ја објави неговата фамилија која се прости од својот „посветен татко, прекрасен дедо, пријател, голем победник и спортист“. Загало учествуваше во освојувањето на четири од петте титули на „кариоките“ на светските првенства и тоа од три различни позиции. Во 1958 и 1962 беше играч на бразилската репрезентација, во 1970 како селектор, а во 1994 како технички директор на националниот тим.

Сето тоа го оствари и покрај фактот што не сакал да стане фудбалер, туку сонувал да биде пилот. Поради проблеми со видот не му се исполнила најголемата желба, па почнал да учи за сметководител, а фудбалер станал сосема случајно бидејќи во слободното време играл во својот локален тим.

Со фудбал се занимавал безмалку шест децении. Почнал во тимот Америка како младинец во 1948 година, сениорската кариера ја стартувал во Фламенго, а играл и во Ботафого каде во 1966 првпат станал тренер. Четири години бил на клупата на овој тим, а потоа му се вратил уште три пати во кариерата. Водел уште неколку клубови во Бразил, бил селектор на Саудиска Арабија и Обединети Арапски Емирати, а последниот ангажман го имаше во бразилската репрезентација.