Легендата на американската кантри музика, Лорета Лин, ќерка на рудар и сопруга на шверцер на виски, која стана една од најголемите ѕвезди на американската музичка сцена и водечка феминистка, почина денеска на 90-годишна возраст во нејзиниот дом во Харикен Милс, Тенеси, објави нејзиното семејство.
„Нашата драга мајка, Лорета Лин, почина мирно утрово, во сон, во нејзиниот дом на нејзиниот сакан ранч во Харикен Милс“, објави сношти семејството на Твитер, пренесе Танјуг.
Во светот на кантри музиката во кој доминираа мажите во 1960-тите и 1970-тите, Лин изгради репутација на феминистка и жена која беше доволно храбра и талентирана да пишува свои песни, според Ројтерс.
Во песната „Rated X“ таа пееше за нееднаквоста во машко-женските односи, а нејзината песна „The Pill“ ја прослави сексуалната слобода што им ја донесе на жените појавата на контрацептивни средства. Пееше и за распаднатите бракови бидејќи тоа беше тема која и самата многу добро ја познаваше и ја преживеа.
Во интервјуто што го даде за магазинот „Esquire“ во 2007 година, Лин рече дека за време на нејзината кариера радио станиците забраниле 14 авторски песни.
„Не бев првата жена во кантри музиката. Јас бев само првата која стана и кажа што мисли за животот. Другите се плашеа“, изјави Лин во споменатото интервју.
Нејзината веб-страница наведува дека таа имала повеќе од 50 хитови во текот на нејзината плодна кариера.