Пејачот, музичар и текстописец Марк Ланеган почина во вторникот на 57-годишна возраст во својот дом во Киларни во Ирска, објавено е во изјавата на неговата Facebook страница,
Ланеган, со неговиот длабок и впечатлив баритон, многумина го сметаат за еден од најдобрите рок-пејачи во последните повеќе десетина години.
„Нашиот сакан пријател Марк Ланеган почина утрово во својот дом во Киларни во Ирска. Саканиот пејач, текстописец, автор и музичар имаше 57 години, а зад него остана сопругата Шели“, се наведува во кусата објава со молба на семејството во овој момент да биде почитувана нивната приватност.
Засега нема други информации за причината на смртта.
Ланеган неодамна ја преживеа битката со Covid-19 поради што беше во кома, а тоа тешко искуство го опиша во мемоарскиот текст „Devil in a Coma“ (Ѓавол во кома).
Некогашен зависник од дрогите и пријател на Курт Кобејн, Џефри Ли Пирс од Gun Club, своите животни непријатности ги опиша во книгата „Sing Backwards and Weep“ (Пеј наназад и плачи) од 2020 година според која уште во раната младост бил компулзивен коцкар, новостанат алкохоличар и крадец.
„Сакав возбудење, авантура, декаденција, изопаченоста, што и да е“, напиша во мемоарите музичарот кој дотогашниот свет на дрогите го напушти пред повеќе од десет години.
Кариерата ја започна во 1984 година кога во Сиетл го основаше бендот Screaming Trees кои снимија седум албуми пред распадот во 2000 година. Славата и култниот статус го стекнаа како дел од гранџ движењето од 1990-те години.
Ланеган на врвот на славата на бендот започна соло кариера со албумот „The Winding Sheet“ од 1990 година.
Имаше музички соработки со Queens Of The Stone Age, со Изобел Кемпбел, некогашната пејачка на Belle and Sebastian, како и со Гред Дули од Afghan Whighs и со The Twilight Singers со коишто цели шест години го водеше заедничкиот проект „Gutter Twins“.