Утрово почина проф. д-р Јовица Угриновски, еден од најпознатите неврохирурзи во земјава.
„Со огромна жалост сакаме да ве известиме дека утрово на 77-годишна возраст по тешко боледување почина нашиот ценет и почитуван професор д-р Јовица Угриновски. Професорот Угриновски беше основач и претседател на Управниот одбор на Неуромедика. Менаџерскиот тим и сите вработени изразуваат огромна почит и благодарност за соработката и успесите во работењето“, стои во Инстаграм објавата на Неуромедика.
Јовица бил роден во Скопје на 2. 10. 1945 година. Бил специјалист неврохирург, редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје.
Специјализирал неврохирургија во Скопје (1975), завршил три постдипломски курса по неврохирургија во Монпелје (1977), Манчестер (1978) и во Братислава (1981), магистрирал (1978) и докторирал (1986).
Придонел во воведувањето на проспективниот предвидувачки скоринг систем во неврохирургијата и методот на премостување на крвните садови во мозокот.
При атентатот врз претседателот Киро Глигоров (Скопје, 1994) извел сложени неврохируршки оперативни зафати.
Организатор е на Итната санитетска хеликоптерска служба во РМ, како и на повеќе волонтерски организации и се занимавал со алпинизам.
Публикувал повеќе од 140 научни трудови и 6 книги.