
По кусо боледување на 81-годишна возраст во вторникот утрото почина доајенот на битолското новинарство Никола Талевски.
Никола Талевски најголем дел од новинарскиот живот го помина како дописник на Македонската телевизија, а имаше свои јавувања и во македонското радио. Работеше и во Радио Битола, а по пензионирањето не го напушти новинарството и го основа „Инфо магазин“.
Никола Талевски пишуваше и хумористични и сатирични текстови во весникот „Остен“, а повозрасните битолчани го паметат и по радиоликот Ристо Модернисто. Талевски има објавено и неколку книги.
Погребот ќе биде утре на „Буковските гробишта“ во Битола во 12 часот.