Почина помладиот брат на американскиот претседател Трамп

(AP Photo/Diane Bonadreff, File)

Американскиот претседател Доналд Трамп објави во саботата дека на 72-годишна возраст починал неговиот помлад брат Роберт Трамп, а веста ја пренесе прес-службата на Белата куќа.

„Со тешко срце известувам дека мојот прекрасен брат Роберт денеска почина во мир. Тој не беше само мојот брат, тој беше мојот најдобар пријател. Многу ќе ми недостига, но повторно ќе се сретнеме. Сеќавањето на него секогаш ќе живее во моето срце. Роберт, те сакам. Почивај во мир“, објави американскиот челник.

Трамп во петокот го посети помладиот брат во болница во Њујорк, откако тој беше хоспитализиран. Службата за односи со јавноста на Белата куќа тогаш објави снимки како конвојот на претседателот пристигнува пред болницата, по што тој влегува во зградата. Други поединости не беа објавени.

Неколку часа претходно телевизијата NBC јави дека 72-годишниот Роберт Трамп е хоспитализиран поради тешко заболување. Изворите не рекоа за какви здравствени проблеми станува збор. Претседателот од своја страна рече дека неговиот брат минува низ „тешки времиња“, но оти се надева дека ќе закрепне.

Роберт Трамп ова лето беше често споменуван во врска со обидот да го спречи објавувањето на скандалозната книга на нивната внука Мери Трамп, објавена во јули. Во неа внуката, којашто има докторат по клиничка психологија, тврди дека Доналд Трамп, поради негативното влијание на семејството, е лишен од можноста да сочувствува со другите луѓе и дека страда од други комплекси. Исто така, таа тврди дека Доналд во 1981 година не го посетил нејзиниот татко Фред, третиот од браќата Трамп, на неговата смртна постела.