Почина поранешниот градоначалник на Солун, Бутарис, кој имаше потекло од Македонија

Поранешниот градоначалник на Солун, Јанис Бутарис, по потекло од Крушево, почина на 82-годишна возраст.

Тој беше 60-ти градоначалник на општината Солун, на функцијата од 1 јануари 2011 година до 31 август 2019 година, откако победи на два последователни општински избори, додека од 2018 година одлучи да не се кандидира како на следните општински избори.

Неодамна Бутарис се соочи со здравствени проблеми.

Бутарис пред 11 години првпат како градоначалник дојде во официјална посета на Македонија и во разговор за сега згаснатиот весник „Вест“, рече дека неговите врски со Македонија се сентиментални, не само поради потеклото на мајка му и неговиот дедо по татко кои потекнуваат од Крушево, туку и поради многубројните пријатели.

„Врските со семејството во Крушево со време се изгубени, но јас три пати бев да ги посетам. Ја видов и куќата на мојот дедо. Бев многу горд. Тоа се моите корени“, рече тој.

Бутарис е син на винарот Стелиос Бутарис и Фани Влахос, Влаинка од семејството Ничота од Крушево.