Поранешниот грчки крал Константин Втори, чие деветгодишно владеење се совпадна со еден од најтурбулентните периоди во политичката историја на земјата, почина во вторник на 82-годишна возраст, објави државната телевизија ERT.
Константин II, единствениот син на кралот Павлос и кралицата Фредерика, дојде на престолот во 1964 година по смртта на неговиот татко, но неговото владеење беше обележано со политичка нестабилност што кулминираше со воен удар на 21-ви април 1967 година. Неколку месеци подоцна тој беше принуден да избега земјата откако го предводеше неуспешен пуч против тогашната владејачка воена хунта. Остана во странство сѐ додека хунтата не ја укина монархијата во 1973 година.
На референдумот распишан по падот на хунтата во 1974 година од владата на национално единство на чело со Константин Караманлис, Грците по вторпат ја отфрлија монархијата, со што Константин стана последниот крал на Грција. Подоцна, Атина му го одзеде и државјанството.
Во 2002 година, тој и другите членови на кралското семејство добија отштета од 13,7 милиони евра за нивните поранешни имоти во Грција, кои го вклучуваат имотот на дворецот Татои северно од Атина, кој моментално се реставрира, и вилата на островот Крф.
Со неговата сопруга, кралицата Ана-Мари од Грција, поранешниот крал, чиј едриличарски тим го освои златниот медал на Олимписките игри во 1960 година, имаше пет деца.
Во неговото последно јавно појавување во центарот на Атина минатата 2022 година, поранешниот крал беше виден во инвалидска количка, придружуван од неговата сестра, поранешната шпанска кралица Софија и други членови на семејството.
Поради хронични проблеми со срцето и движењето, здравствената состојба на поранешниот крал се влошила и тој во последните месеци неколк пати бил хоспитализиран.