Почина познатата секс-терапевтка др Рут Вестхајмер

Познатaта сексуална терапевтка и водителка на ток-шоу др Рут Вестхајмер, која отворено зборуваше за сексот и интимните теми, починала во петокот на 96-годишна возраст. Нејзиниот публицист го потврди тоа за телевизиската мрежа CBS News, без да ја прецизира причината за смртта.

Рут Вестхајмер, честопати нарекувана др Рут, стана позната по тоа што отворено зборуваше за сексот и беше икона на поп-културата, како и авторка на бестселери како „Sex for Dummies“. Се залагаше за отворени разговори за сексот со пристап без осудување.

Др Рут, која зборуваше со германски акцент, го преживеала Холокаустот, а родена е во Франкфурт, во Германија.

Во 1980-те таа имаше своја локална радио програма под наслов „Sexually Speaking“, која стана широко позната, а во 1984 година беше емитувана на национално ниво во САД, поради што стана славна во целата земја. Ја напиша својата прва книга „Dr. Ruth’s Guide to Good Sex“ во 1983 година во која го демистифицираше сексот. Тоа беше првата од повеќе од 40 книги што таа ги напиша.

Следната година, др Рут започна телевизиска програма наречена „The Dr. Ruth Show“ и пишуваше колумна со совети објавувана на национално ниво.

„Знаев дека има многу знаења коишто се достапни, но тоа не допира до младите луѓе“, изјави др Рут за NBC Nightly News во 2019 година.

Др Рут често се појавуваше во во водечките ток-шоу емисии, вклучително и „The Howard Stern Radio Show“, „Dr. Oz Show“, „Nightline“, „The Tonight Show“ и „Late Night“ со славниот Дејвид Летерман.

Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, минатиот ноември објави дека др Рут ќе стане почесен амбасадор на ова сојузна американска држава во борбата против осаменоста.

„Длабоко сум почестена и ѝ ветив на гувернерката дека ќе работам деноноќно за да им помогнам на њујорчаните да се чувствуваат помалку осамени!“, рече тогаш др Рут.

Родена е како Карола Рут Зигел во 1928 година, а на десетгодишна возраст нејзините родители ја испратиле во Швајцарија за да го избегне погромот познат како Криталната ноќ, насилните немири што нацистите ги вперија против Евреите со доаѓањето на власт и започнување на холокаустот. Др Рут никогаш не ги видела своите родители откако заминала во Швајцарија и веруваше дека биле убиени во гасните комори на нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц.