Пратеничката од првиот парламентарен состав од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ратка Димитрова, почина денеска на 80 години.
Димитрова беше координатор на првата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот од 1991-1994 година. Имаше богата кариера како виолинистка со бројни концерти во Македонија и низ светот, а беше и професорка на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Родена е во Скопје. Дипломирала на Факултетот за музика во Љубљана, магистрирала на Конзерваториумот „Петар Илич Чајковски“ во Москва.
Таа е мајка на досегашниот министер за надворешни работи Никола Димитров и сопруга на ексминистерот за култура и професор Димитар Димитров.
За многумина, сликата за прогласувањето независна Македонија е врзана со Димитрова, како го води орото што се играше пред Собрание на 8 септември 1991 ноќта, кога излегоа резултатите од референдумот за осамостојување.