Францускиот адвокат и политичар Робер Бадентер, поранешен министер за правда, кој беше претседател на арбитражната комисија на Мировната конференција за поранешна Југославија во 1991 година, почина во петокот на 95-годишна возраст, објавија француските медиуми.
Бадентер – правник, професор по право на Сорбона и претседател на Францускиот Уставен совет – во времето на распадот на Југославија беше на чело на таканаречената Бадентерова комисија, која во декември 1991 година објавила мислење дека СФРЈ е во процес на распаѓање. Арбитражната комисија на Конференцијата за Југославија, под негово претседателствување, констатира дека Република Македонија ги исполнува сите општи и посебни услови за меѓународно признавање. Поради тоа беше прогласен за почесен доктор на правни науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (1996). Врз основа на тој извештај, на 15 јануари 1992 година, државите Европската економска заедница (ЕЕЗ) ја призна државната независност на тогашните решублики Хрватска и Словенија во постојните граници, а подоцна и на Македонија.
Во својата долга правна и политичка кариера се залагаше за укинување на смртната казна во Франција, што беше постигнато во 1981 година. Еврејски интелектуалец и министер во социјалистичката влада, чиј татко починал во германски концентрационен логор, Бадентер беше цел на бројни напади од француската десница, од кои некои беа обоени со антисемитизам.
Робер Бадентер (Париз, 1928) e француски адвокат и политичар. Завршил студии по литература и право во Париз. Магистрирал на Универзитетот Колумбија (САД, 1949). Докторирал компаративно право во Париз (1951). Бил адвокат во Апелациониот суд во Париз (1951-1981), министер за правда на Франција (1981-1986) и претседател на Уставниот совет на Франција (1986-1995).