Поранешниот, 86-годишен италијански премиер Силвио Берлускони починал во понеделникот, објави агенцијата Reuters повикувајќи се на свои „извори“.
Берлускони, милијардер кој ја создаде најголемата медиумска компанија во Италија пред да влезе во политиката, веќе извесно време боледуваше од леукемија, а кон крајот на минатата седмица повторно беше итно хоспитализиран во болница во Милано.
Миланскиот дневен весник Corriere della Serra ја потврди вест, додавајќи дека Берлускони починал во миланската клиника „San Raffaele“ во којашто поранешниот премиер повеќепати беше лекуван. Телевизијата RaiNews24 добила потврда на веста од извори од болницата.
Берлускони беше примен во болница во петокот попладнето, само три седмици откако ја напушти болницата.
Новата хоспитализација на „патријархот на италијанската политика“ предизвика загриженост кај многу поддржувачи и политички сојузници на експремиерот. Но, лекарите објавија дека хоспитализацијата се должела на потребата да се „спроведат планирани контролни претраги во врска со позната хематолошка патологија“.
Билтенот, кој во петокот го објавија личниот лекар на поранешниот премиер Алберто Зангрило и хематологот Фабио Цицери, истакнаа дека состојбата на нивниот пациент не е алармантна.
Наречен „бесмртен“ поради неговата политичка долговечност, сега сенаторот Берлускони глабоко го одбележа политичкиот пејзаж на неговата земја, на 5-ти април беше хоспитализиран шест седмици поради слабост поврзана со инфекција на белите дробови, но лекарите открија дека тој боледува од хронична леукемија. На почетокот на мај тој првпат преку видео порака им се обрати на своите поддржувачи од болничката соба.
Животниот пат на овој „вечен повратник“, чијашто политичка смрт беше погрешно најавувана неколкупати, е испреплетена со италијанската историја во последните триесет години. Берлускони беше премиер трипати од 1994 до 2011 година, беше сенатор и претседател на неговата десничарска партија Форца Италија (Напред Италија) и помал партнер во екстремно десничарската коалициска влада на актуелната премиерка Џорџа Мелони.
Вњубеник во фудбалот, Берлускони 31 година беше претседател на клубот од Милано, кој под негово владеење пет пати ја освои Лигата на шампионите пред да биде продаден на кинески инвеститори во 2017 година. Псоледните години беше сопственик и на фудбалскиот клуб Монца.
Неговата кариера беше одбележана со скандали и правни проблеми, кои во последните десет години се фокусираа на дејствија поврзани со неговите познати секс забави „Бунга Бунга“.