Патријархот на Српската православна црква Иринеј почина утрово од ковид-19, откако завчера нагло му се влошила состојбата.
Деведесетгодишниот Иринеј беше примен во воената болница во Белград на 5 ноември откако имаше позитивен тест за коронавирус. Само три дена порано, тој ја предводеше богослужбата во чест на митрополитот црногорско-приморски Амфилохије, кој исто така почина од ковид-19. На богослужбата во Подгорица никој не носеше маска, а некои од присутните го бакнуваа телото на Амфилохије, кое беше положено во отворен ковчег. Во лекувањето на Иринеј учествуваа и руски лекари.
Иринеј стана 45. врховен поглавар на Српската православна црква во 2010 година, по смртта на неговиот претходник Павле.
СПЦ објави:
„Во петок, 20 ноември 2020 година, во 7:07 часот во Воената ковид болница Карабурма во Белград се упокои во Господ неговата Светост Архиепископот пеќки, Митрополит белградско-карловачки и Патријарх српски г.Иринеј (Гавриловиќ), стои во објавата на страната на Српската православна црква.
Оттаму информираат дека за сите детали поврзани со погребот на патријархот Иринеј јавноста наскоро ќе биде информирана.
Патријархот Иринеј беше хоспитализиран на 5 ноември поради коронавирус откако неговата здравствена состојба се влошила. За неговиот живот се бореа руски и српски лекари.
Беше избран за патријарх на СПЦ на 22 јануари 2010 година“.