Почина Љубисав Иванов – Ѕинго

Во 84. година од животот почина Љубисав Иванов – Ѕинго, поранешен претседател на Фудбалскиот Сојуз на Македонија (1993-1999), долгогодишен истакнат фудбалски работник, прв човек на ФК Силекс и почесен претседател на Фудбалската федерација на Македонија.

– Македонскиот фудбал денес го загуби еден од своите најдобри и најважни фудбалски работници во својата историја. Ми беше чест што го познавав и соработувавме со Љубисав Иванов – Ѕинго, а навистина е безпредметно воопшто да набројуваме со што сѐ го задолжи нашиот фудбал и Фудбалската федерација на Македонија. Наша должност е да продолжиме по патот кој тој го трасираше. Да се грижиме за федерацијата и луѓето, да се грижиме за македонскиот фудбал.

Во име на Фудбалската федерација на Македонија и целото фудбалско семејство, изразувам најдлабоко сочувство до семејството на Љубисав Иванов – Ѕинго – напиша на Фејсбук Муамед Сејдини, претседател на Фудбалска федерација на Македонија.