Почина Вера Ќосевска – една од најзначајните македонски архитектки

Изминатиов викенд, на свои 95 години, почина Вера Ќосевска, една од најзначајните архитектки во Македонија. Ќосевска беше дел од десетината жени архитектки кои проектираа маркантни објекти во модерно Скопје по земјотресот во 1963 година и оставија траен печат во колективното културно живеење на градот и на државата.

Меѓу нејзините познајчајни дела во плодната карира се објектот на Театарот на народности во Скопје, денешен Албански театар и објектот на Гинекологија во Чаир.

Исто така, Ќосевска е авторка на објектите Полициска станица Гази Баба, на Болниците во Струмица и во Куманово, на Противпожарен дом во Скопје, Фабриката „Мирка Гинова“ во Скопје.

Творењето во доцните 1960ти, 70ти и 80ти се врзува за тогашниот интернационален модернистички стил, но и за бетонскиот брутализам кој бил зачеток на еден нов постмодернизам каде понекогаш суптилно, дел од македонсите автори и авторки, вметнувале елементи од македонската традиција.

Ќосевска е родена 1929 година во Осијек, Хрватска. Со архитектура и градежништво се запознава уште во детството.

Основно образование завршила во Осијек, а гимназија учела во Загреб и Белград, каде завршила 1948, а истата година се запишала на Архитектонски факултет при Универзитетот во Белград, каде дипломирала 1953 одличен успех, во класата на професор арх. Станко Клиска, со проектот Болница за костнозглобна туберкулоза во Калишта на Охридското Езеро.

По дипломирањето со сопругот доаѓа во Македонија и на 1 август 1953 г. се вработила во проектантското биро на Македонија „Проектант” во Скопје.

Во 1954 г. со сопругот го оформиле првото проектантско биро при Општинското Собрание во Охрид. Работела и во секторот за урбанизам и архитектура во Собранието на скопската околија. Од 1959-1961 работи во проектантско претпријатие „Агропроект” во Скопје, од каде преминала во ООЗТ „Пелагонијапроект”, кое било оформено по спојувањето на „Проектант” и ГРО „Пелагонија”. Тука работела сè до пензионирањето.