Почина Жан-Мари Ле Пен, иконата на француската крајна десница

Жан-Мари Ле Пен, историската личност на француската крајна десница која ја шокираше земјата и светот со влегувањето во вториот круг од претседателските избори во 2002 година, почина во вторникот на 96-годишна возраст во институцијата во парискиот регион каде што тој беше примен пред неколку седмици.

Неговата смрт беше потврдена од неговото семејство и од партијата Национален собир на неговата ќерка Марин Ле Пен.

„Жан-Мари Ле Пен, опкружен со своето семејство, беше повикан назад кај Бога во вторник напладне“, објави неговото семејство во соопштението испратено до агенцијата  AFP.

Ле Пен го водеше Националниот фронт, кој подоцна стана Национален собир, од неговото основање во 1972 година до 2011 година, кога се повлече од политичкиот живот по судските одлуки во спорот со неговата ќерка. Партијата потоа ја презеде неговата ќерка Марин Ле Пен и беше нејзин лидер до 2022 година.

Крајниот десничар кој беше мешавина од популизам, елоквентност и харизма, опседнат со имиграцијата и Евреите, ја извлече француската крајна десница од маргините.

Најзначајните од неговите успеси останаа недовршени – на 21 април 2002 година, на 73-годишна возраст, тој изненадувачки се проби во вториот круг од изборите кога беше поразен од Жак Ширак. Гласачите ја поддржаа конзервативната „мејнстрим“ опција наместо да ја доведат крајната десница на власт, првпат откако со земјата владееја соработници на нацистите во 1940-те.

Од тогаш функционира таканаречениот „републикански фронт“, односно сојузувањето на сите политички опции за да се спречи победа на кандидат на крајната десница.

Но, овој триумф имаше и своја негативна страна за него: две седмици милиони луѓе маршираа против расизмот и „неговата политичка инкарнација“.

На еден или друг начин, Жан-Мари Ле Пен го помина својот живот борејќи се, без разлика дали како војник во француските колонијални војни, како лидер на Националниот фронт за кој се кандидираше пет пати на претседателските избори, или во расправии со неговите ќерките и поранешната сопруга, често јавно и жестоки.

Отворен националист, Ле Пен беше кошмарот на Европската унија, на која гледаше како на наднационален проект што ги узурпира овластувањата на националните држави.

Контроверзноста беше постојан придружник на Ле Пен: обвинувањата за расизам го следат Националниот фронт од неговото основање. Тој беше осуден во 1996 година за оспорување воени злосторства, откако изјави дека нацистичките гасни комори се „само детал“ од историјата на Втората светска војна.

Ле Пен никогаш не изрази жалење за неговите испади, контролирани или неконтролирани – од гасните комори како историски „детал“, преку „расната нееднаквост“ или германската окупација која „не беше особено нехумана“ до физички напад врз социјалистички политички противник.