Починаа четворица пациенти во болницата во Штип, без да го дочекаат тестот за Covid-19

Починаа четворица пациенти на штипското Инфективно одделение за едно деноноќие. Портпаролот на Клиничка болница-Штип, Марина Шуманска вели дека само 62 годишниот пациент од Штип бил позитивен на коронавирусот, а остантите пациенти од Светиниколско, Кратовско и Виница биле сомнителни и ги чекале резултатите од тестовите.

Остануваат уште четири слободни кревети на штипското Инфективно одделение. На ова одделение се лекуваат вкупно 51 пациент од целиот источен регион,а се хоспитализираат оние со потешка клиничка слика. Притисокот за прием на пациент ќе се намали од утре, кога треба да се стави во функција и Кожното одделение. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев вели дека во тек е техничко доопремување на оваа одделение, за да може да се примаат пациенти со полесна клиничка слика.

-На ова одделение ќе добиеме дополнителни десет болнички кревети за ковид инфицираните пациенти. Во моментов пациенти од целиот исток се препраќаат и во кочанската болница, вели Ѓеорѓијев.

Што се однесува за состојбата со здравствениот кадар, таа се менаџира со лекари, медицински сестри и болничари од другите оддели, со цел пациентите да добијат соодветна здравствена грижа. Директорката на штипскиот Центар за јавно здравје е позитивна на корона вирус. Според епидемиологот Светлана Живкова, нејзиниот контакт со вработените секогаш бил со заштитна маска и друга заштитна опрема, па затоа никој од вработените не е испратен во изолација туку е издадена само препорака за следење на нивната здравствена состојба. Живкова вели ако има потреба вработените ќе се тестираат, но тврди дека при работењето се почитувале сите здравствени протоколи.

Во текот на изминатото деноноќие на подрачјето на 14 општини, кои ги покрива СВР Штип од Државниот санитарен и здравствен инспекторат на 163 лица им биле издадени решенија за изолација, а контрола им била извршена на 1.171 лица со вакви решенија притоа не било констатирано непочитување на решенијата.