Починатата од Covid-19 22-годишна трудница двапати одбила хоспитализација

Пациентката одбила хоспитализација, примила инфузија, се чувствувала подобро, се потпишала и си заминала, рече директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Викторија Јовановска, на денешната прес-конференција.

Јовановска посочи дека трудницата била донесена на Клиниката на 23-ти ноември по третпат, односно дека претходниот ден 22-ри ноември била донесена двапати, но одбивала да биде хоспитализирана, иако ѝ било објаснето дека се става во ризик и себеси и бебето.

„Пациентката одбила хоспитализација, примила инфузија, се чувствувала подобро, се потпишала и си заминала. Повторно е вратена на Клиника околу 23 часот, меѓутоа повторно одбила да остане поради тоа што требало да биде хоспитализирана во делот каде што се хоспитализираат ковид пациентки, а таа имала негативен тест. Лабораторијата и клиниката укажуваа на тоа дека таа е ковид позитивна. Тие кои се пациентки со симптоми ги третираме како суспектни и ги ставаме во делот на ковид, но не кај позитивните туку со суспектните пациентки, меѓутоа пациентката повторно одбила, а кога се вратила на 23-ти ноември утрото веќе била со мртов плод и со многу влошена лабораторија“,  објасни Јовановска.

Била префрлена во шок-соба и наредниот ден, на 24-ти ноември, со царски рез била породена. Плодот бил мртов од 4,3 килограми. Ова била прва бременост за младата жена, но не одела редовно на контроли, а и дијабетесот зависен од инсулин не бил регулиран. Додека била на ГАК била третирана мултидисциплинарно, од ендокринололог, гинеколог и трансфузиолог.

Жената немала класични симптоми на вирусот, како зголемена температура и кашлање, но имала гастринтестинални тегоби, односно нагони на повраќање и дијареа. Направен и е ПЦР-тест кој покажал дека е позитивна. На 26-ти ноември, 22-годишната родилка била префрлена во Градската општа болница „8-ми Септември“ каде што почина во четвртокот.

На новинарско прашање дали имало траги од семејно насилство, бидејќи на ГАК дошла со крвавење од слузници, Јовановска одговори дека пациентката и семејството биле прашани и негирале, и додаде дека крвавењето може да е и поради состојбата во која била, односно зголемени Д-димери, нарушена коагулација и абрупција на постелката.

Јовановска соопшти дека во ковид-одделот на ГАК досега хоспитализирале околу 310 пациентки од кои околу 180 се породени на Клиниката. Мал дел од нив завршиле во ковид-центрите. Бремените пациентки, рече Јовановска, обично имаат полесни симптоми доколку се контролирани и ако се јавуваат навреме на лекар.

„Апелирам до сите трудници да ги слушаат советите на докторите. Во овој случај, најверојатно  немаше да зборуваме за ваков исход, и за бебето, и за мајката, доколку пациентката го послушала советот на дежурната екипа. Тие ја молеле да остане, дури и семејството, и не успеале“, рече директорката на ГАК