Под наслов „Починатата од корона 7 дена ја лечеле по телефон – хоспитализирана дури пред 3 дена“, порталот Лидер во неделатa пишува за бројни системски грешки при третманот на починатата од коронавирусот, за што се повикува на сведоштава на нејзини блиски.
Лекарската помош за неа, дошла предоцна и токму затоа пациентката го изгубила својот живот.
Како што сведочат блиските роднини на 57-годишната Гордана Димитриевска од Куманово, која е прв починат од корона вирусот во земјава, таа била во изолација затоа што нејзиниот син се вратил од Италија и веројатно тој и го пренел вирусот.
Ситуацијата и’ беше влошена и наместо да ја хоспитализираат, седум дена ја лечеа преку телефон, иако ги имаше сите симптоми на вирусот. Ја земаа во болница пред 4 дена и потоа почина. Се сомневаме дека воопшто претходно ја тестирале. Симптоматично е што Филипче сега кажува дека тестовите биле прво негативни, па дури откако починала станале позитивни. Таа беше болна со сите симптоми веќе подолго време – сведочи за Лидер блиско лице до починатата, кое и’ е познато на редакцијата, но сака да остане анонимно.
Смртта на 57-годишната Гордана, која е прв регистриран смртен случај од корона во Македонија, денес ја обзнани министерот Венко Филипче.
За жал, го имаме и првиот смртен случај од коронавирусот кој посмртно во Куманово беше дијагностициран доцна синоќа. Се работи за жена која што имала 57 години. Во однос на приемот и третманот сакам да кажам дека колегите постапиле согласно протоколот за изолација, навремено се земени два теста и двата теста иницијални покажеле негативен резултат. Но, и покрај негативните резултати заради тоа што болеста била типично за коронавирусот таа била третирана во изолација. Тој период на хоспитализација траел изминатата недела во Општата болница во Куманово, а брис е повторно земен после констатација на смртта во текот на вчерашниот ден вчера и тој бил позитивен, рече министерот за здравство на денешната прес-конференција.