Почна да се решава проблемот во „Ранка Милановиќ“

Градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски и Министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски денес беа во посета на поранешниот дом Ранка Милановиќ.

За посетата, градоначалникот Стефковски информираше на својата официјална страна на која напиша:

„Започна решавањето на проблемот во поранешниот дом Ранка Милановиќ.
Утрово заедно со Министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски бевме во посета на поранешниот дом Ранка Милановиќ каде што започна акција за чистење на комуналниот отпад од дворот на објектот.

Како градоначалник по извршените консултации со министерот издадов налог на ЈКП Гази Баба со својата механизација да изврши чистење на дворот на објектот и собирање на големата количина на отпад.

Сакам да ја изразам мојата благодарност до Министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски за неговата решителност да се најде трајно решение за овој објект, како и за лицата кои се сместени во него.

Со жалење можам да констатирам дека повеќе од две години Владата и Министерството за труд и социјална политика не постапуваа по моите иницијативи за решавање на овој проблем и покрај бројните петиции и барања од страна на граѓаните и компаниите кои функционираат на овој дел од општината.

На граѓаните им се потребни решенија преточени во дела, а не празни зборови“! – напиша Стефковски.