Вонредните парламентарни избори во Косово започнаа утрово во седум часот, кога, според извештаите на акредитираните набљудувачи и на медиумите, гласачките места во целата земја се отворија без забележителни доцнења, јави дописникот на МИА од Приштина.
На овие, осми по ред повеќепартиски избори за пратеници во законодавниот дом на Република Косово, учествуваат 28 политички субјекти, од кои 21 политичка партија, две коалиции и пет граѓански иницијативи.
Гласањето се одвива во 888 гласачки центри со 2.382 избирачки места, кои ќе бидат отворени од седум до 19 часот.
За едно од 120-те места во косовскиот Парламент се натпреваруваат вкупно 1.079 кандидати.
Право на глас, според конечниот список на гласачи што го објави ЦИК, имаат 1.794.862 лица, што е за 143.006 помалку во споредба со последниот изборен процес во земјата – вонредните парламентарни избори од 6 октомври 2019 година. Намалувањето на бројот на лица со право на глас се должи пред се на исклучувањето од гласачкиот список на над 122.000 граѓани кои поседуваат единствено лични документи издадени од УНМИК, како и на бришењето од пензискиот систем на 11.086 лица кои во меѓувреме починале.
За следење на изборниот процес, кампањата на учесниците на изборите и на самиот ден на гласање, се акредитирани околу 30.000 набљудувачи. Во оваа бројка влегуваат набљудувачите од редовите на учесниците на изборите во гласачките комисии, претставници на домашни и меѓународни невладини организации, меѓународни организации и институции, претставници на 18 амбасади во Приштина и медиумите.
Првпат изборите во Косово нема да ги следи Организцијата за бебедност и соработка во Европа – ОБСЕ.
Изборната кампања траеше вкупно 10 дена, започна на 3 февруари и заврши на полноќ меѓу 12 и 13 февруари, кога стапи на сила изборниот молк, кој трае до затворањето на гласачките места, денеска во 19 часот.
Оценка на медиумите и набљудувачите е дека кампањата помина мирно и без инциденти, со одредени прекршувања на изборниот кодекс, како што е употребата на деца во кампањата, притисоци врз гласачите да гласаат за одредени субјекти, истакнување изборни плакати на јавни места, обиди за „продавање“ гласови и слично.
Најмногу забелешки, а и парични казни за политичките партии, имаше поради непочитување на Законот за превенција и борба против епидемијата на Ковид-19 на предизборните митинзи.
Овие вонредни парламентарни избори во Косово се одржуваат откако во ноември минатата годинава Уставниот суд го оспори легитимитетот на Владата на Авдулах Хоти, затоа што за нејзиниот избор гласал еден пратеник кој немал право да биде член на законодавниот дом поради правосилна казна со затвор во последните три години. Гласот на спорниот пратеник, кој беше од партиите на помалите етнички заедници, беше 61-от глас за кабинетот на Хоти, а со неговото поништување се изгуби и мнозинството за изгласување на Владата.