Во рамки на активностите за подобрување на безбедноста во сообраќајот започна изградба на нова пешачка пaтека во населба Илинден. Пешачката патека ќе биде во должина од над 400 метри и широчина од 1,8 метри која ќе се протега од влезот на новото основно училиште во Илинден по улицата ,,2”, се до раскрсницата на улиците ,,8” и ,,9”.
Денеска увид во градежните работи направи градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски кој истакна дека изградбата на оваа пешачка патека е од голема важност за жителите од населеното место Илинден, со што значително ќе се придонесе за поголема безбедност на учесниците во сообраќајот, особено на пешаците и велосипедистите.
Дополнително, потребата за изградба на оваа пешачка патека се јави и со отворањето на новото основно училиште кое се наоѓа во овој дел на општина Илинден, каде е зголемена фрекфенцијата на возила и пешаци во сообраќајот, па затоа потребна е дополнителна доза внимателност од страна на сите учесници во сообраќајот.
Градоначалникот Георгиевски упати апел до возачите за нивно безбедно движење во сообраќајот, а особено внимателноста треба да биде максимална кога се движат покрај училиште или градинка.
Општина Илинден и во наредниот период ќе продолжи да инвестира во безбедноста на сообраќајот и унапредување на истиот, со што ќе бидат изградени пешачки и велосипедски патеки во повеќе населени места.